32 Причини Зошто Се Дебелееме (Што Вели Науката)

Проблемот со вишокот килограми ги руши сите граници во денешницата, околу 2.8 милиони луѓе умираат годишно поради дебелината. Околу 40 милиони деца од предшколска возраст имаат одвишок килограми. Најголемата причина е дисбалансот помеѓу тоа колку јадеме и колку трошиме.

Но секако постојат и многу други причини.

Затоа и ја направивме оваа листа која вклучува 32 причини зошто се дебелееме. Да погледнеме.

 

Гени. Гените не се најголемиот доказ за дебелеењето, меѓутоа некои научници тврдат дека луѓето што потекнуваат од фамилии со одвишок килограми имаат поголема тенденција да го “наследат тоа“. Други пак го тврдат сосема спротивното, и според нив единствената причина што можат да ја наследат е “менталниот склоп“, односно и самите да се опуштат и да претераат со храната.

 

Не јадеме здраво. Здравата диета игра огромна улога во тоа како нашето тело и нашиот метаболизам реагира на храната. Доколку внесуваме здрави калории му помагаме на нашето тело полесно да се справи со храната.

 

Јадеме здраво, но од здравото јадеме премногу. Токму така. Здравата храна е супер избор, но секоја храна содржи калории, доколку внесуваме повеќе отколку што трошиме ние сме во проблем.

 

Не сме доволно физички активни. Физичката активност не само што гори калории, туку и помага сите функции во нашето тело да се вклучат и да работат како што треба.  

 

Не пиеме доволно вода. Луѓето се составени од 65% вода, кога сме дехидрирани метаболизмот ни се успорува и сме повеќе гладни од вообичаено. Колку вода на ден? Кај секого е различно, во зависност од многу фактори, како висина, тежина пол, физичка активност и слично. Меѓутоа според препораките на научниците мажите над 19 години треба да пијат околу 3.7 литри вода на ден, додека пак жените 2.7 литри на ден.

 

Премногу седиме. Седењето е секако подобар избор од лежењето, но доколку премногу седиме не само што можеме да ставиме одвишок килограми туку тоа е и премногу лошо за нашето здравје. Ако ништо друго барем земајте пауза на секој 30тина минути и раздвижете се малку. Работата или социјалните мрежи може да почекаат некоја минута.

 

Не спиеме доволно. Спиењето, седењето до доцна, несоницата стануваат светски проблем. Дали знаевте дека додека спиеме трошиме калории? Човек тежок околу 70кг троши околу 70 калории на час. Но проблемот со недостатокот на сон не е само во калориите, туку во зголемувањето на хормонот наречен кортизол, кој го зголемува апетитот и стресот.

 

Никаде не одиме пешки. Што мислите зошто постарите генерации а и оние во минатото биле секогаш витки? Токму поради тоа што морале да внесат повеќе физички активности меѓу кои и пешачењето. Денес се ни е на дофат, секаде одиме со автомобил, такси, автобус и многу ретко пешачиме.

 

Сиромаштија. Сиромаштијата удира од две страни. Прво, финансиските проблеми се најголемата причина за стресот, второ не присилува да купуваме евтина храна и намирници и да се храниме нездраво.

 

Хормони. Човековото тело има околу 50тина хормони. Најмалку 10тина од овие се одговорни директно или индиректно за зголемената тежина и дебелеењето, како тироидната жлезда, лептинот, естрогенот, тестостеронот, инсулинот, грелинот (познат како хормон на гладот), мелатонинот и тн. Затоа промени во целокупниот начин на живеење се најважни за да ги имаме хормоните под контрола.

 

Премногу сме мрзеливи. Да многу луѓе го имаат овој проблем. Зошто да станете да си наполните вода кога има кој да ви донесе. Зошто мора баш денес да вежбате, поубаво е да си седнете на кафе муабет со пријателите. Сите сме биле таму, се разбираме.

 

Премногу шеќер. Шеќерите се прости јагленохидрати, многу брзо се разложуваат во телото, нашето тело не работи воопшто да ги деградира, дел се користи за енергија, а другиот се складира и го создава салото.

 

Јадеме прости јагленохидрати. Шеќерот не е сам. Прости јагленохидрати има премногу што ги внесуваме секој ден: леб, пици, сендвичи, овошје, млеко и млечни производи итн. Како и во случајот со шеќерот овие се огромни причинители за дебелеењето.

 

Внесуваме лоши масти. Постојат добри и лоши масти. Или заситени и незаситени. Пример за лоши се путер, маргарин, масло, кашкавал, сланина итн. Не само што дебелеат туку и се многу лоши за нашето срце.

 

Внесуваме премногу токсични материи. Дали преку храната и пијалоците, или пак цигарите и алкохолот, средината во која живееме, токсичните материи лошо влијаат на целото тело и предизвикуваат зголемено ниво на холестерол и дебаланс на шеќерот во крвта. А тоа води до дебелеење. Затоа убаво е од време на време да се направи детоксикација на целиот организам.

 

Не јадеме доволно зеленчук. Зеленчукот е богат со витамини и минерали, но покрај тоа и со фибер влакна кои помагаат за добро да се свари храната и промовираат здрав дигестивен тракт. Содржи многу малку калории, и се препорачува секој оброк да содржи и зеленчук.

 

Јадеме премногу брзо. Науката е децидна тука, јадењето брзо кај возрасните може да предизвика дебелеење и дигестивни проблеми. Најчестата причина тука е додека вашиот мозок “процесира“ дека сте внеле толку многу калории му треба време, или просто кажано вие веќе сте се прејале, а малку покасно сфаќате. Тоа причинува внес на екстра калории.

 

Пиеме премногу калории. Што јадеме е само една причина за дали ќе ставиме вишок килограм или не. Но сепак, и што пиеме игра иста улога. Тука влегуваат сите оние напитоци со скриени калории, дали е тоа овошен сок полн со шеќер и адитиви или пак кока кола, или некој друг освежителен или енергетски пијалак, цената што ја плаќаме е иста. Премногу калории.

 

Лош баланс на стомачните бактерии. Нездравата храна, а поготово нездравите масти ги зголемуваат инфекциите и промовираат раст на лошите бактерии во стомакот. Кога бактериите не се во баланс предизвикуваат дебелеење. Затоа е многу важно да внесувате доволно пробиотици и здрави масти кои ќе ви помогнат во целиот процес.

 

Јадеме брза храна. Живееме брзо, јадеме брзо, и јадеме брза храна. Дали е тоа хамбургер, сендвич, или нешто што сме спремиле самите на брзина, се полниме со сите тие нездрави калории. Според истражувањата во САД една од најголемите причини за дебелеењето е токму брзата храна.

 

За празниците се опуштаме. Македонија е земја која е во топ листата во светот со најмногу празници. Иако сите едвај чекаме кога ке дојде следниот празник и малку да одмориме од обврските, имаме обичај баш за тие денови премногу да се опуштиме. И со јадење и со пиење. Во еден ден внесуваме толку многу калории што потоа ќе ни треба цел месец да ги согориме.  

 

Работата или студирањето ни е стресно. Кога сме под стрес најчесто се фрламе на пороците, но некои пак тоа го манифестираат со неконтролирано јадење. Дали причината е нашиот шеф, колегите или следниот испит, резултатити се исти – претерано јадење.

 

Под депресија сме. Депресијата е голем проблем во светски рамки. Не бира средства не бира луѓе, удира кај стигне. Некои луѓе кои се соочуваат со овој сериозен проблем имаат поголеми шанси да се фрлат повеќе на храната. Заедно со намалената физичка активност, неспиењето и сите проблеми што им тежат, се првите жртви на додавањето вишок килограми. Доколку сте еден од тие еве како да се справите со депресијата.

 

Не внесуваме доволно протеини. Протеините се основата за градењето на мускули. Без мускули нашето тело е полно со масти и сало, и имаме проблем со нашиот метаболизам. Обидете се со секој оброк да внесувате малку и протеини.

 

Не знаеме да кажеме НЕ. Дали сме на забава па не можеме да одбиеме алкохол, или пак сме на слава, или роденден, и време е за тортата, многу тешко е да одолееме на тие вкусни гревови. Треба голема храброст и решителност да се одбие едно вкусно парче пита или колач.

 

Пиеме премногу апчиња и антибиотици. Сигурен сум дека веќе сите знаете, но секој антибиотик прави добро од една страна, но и лошо од друга. Доколку премногу зависиме од нив, нашите органи и целото тело доживува секакви стресови и блокади. На жалост, некогаш и не можеме без нив, но сепак не мора при секоја настинка и вирус да посегнете по нив. Има и природни и поздрави лекови кои ни се на дофат.

 

Старееме. Иако науката е поделена, сепак едно е сигурно – како старееме најчесто сме помалку активни, обврските не стигнуваат, и имаме поспор метаболизам. Гориме помалку калории отколку што внесуваме и додаваме некое килце плус. Не заборавајте да се движите и да правите умерени вежби без разлика на годините.

 

Досадно ни е. Многу честа појава, самата досада знае да си игра со нашите хормони, а некогаш поради тоа што немаме што друго попаметно да правиме ќе ја посетиме кујната и ќе се фрлиме во фрижидерот. Не е лошо да разгледаме некое ново хоби, или да направиме некои промени.

 

Немаме многу мускули. Можеби внесуваме доволно протеини, но не вежбаме па мускулите се ослабнати или заспани. Мускулите трошат најмногу калории дури и кога мируваме. За споредба 4 килограми мускули трошат 50 калории додека пак, 4 килограми сало троши 20 калории.  

 

Не водиме евиденција на калориите. Еден од најголемите проблеми зошто луѓето се дебелеат и неможат да ослабнат. Сите знаеме дека треба да јадеме здраво но колку од нас знаат колку калории внесуваат во денот? Само оние најупорните или фитнес фанатиците. Пробајте да го воведете броењето калории како дел од вашето секојдневие и заборавете на дебелината.

 

Гладуваме. Контрадикторно? Размислете два пати. Гладувањето предизвикува гасење на нормалните функции во вашиот организам и палење на заштитниот механизам. Кога тој мисли дека сте во фаза на прегладнетост ќе направи се да ве заштити да останете живи и ќе престане да гори калории. За сите детали може да прочитате тука.

 

Не пиеме доволно витамини. За да функционира како што треба мора да ги внесуваме потребните нутриенти, вклучувајќи ги витамините, минералите, и суплементите како Омега 3 масните киселини. Недостатокот на било кој од нив може да предизвика нарушување на одреден орган, хормоните или пак сериозни здравствени последици а индиректно и дебелеење. Затоа вклучете ги во вашата диета.

 

Финални зборови

Што мислите вие која е главната причина зошто луѓето се дебелеат? Што би додале на листата? Ги чекаме вашите пораки.

In Category: Диета

Даниела Алексова

Љубител на здравата исхрана, науката, книгата и кафето. Слободното време најчесто го поминува со своето куче Рекс.

Show 0 Comments
No comments yet. Be the first.

Leave a Comment