Како Да Се Надмине и Победи Стравот (и Фобијата)

Што е Стравот?

Стравот е моментална и привремена, краткотрајна емотивна реакција на човекот.

Сигурно ви случило додека со слушалки сурфате на интернет, некој од домашните влегува ненадејно во соба, а вие ќе се тргнете исплашено затоа што сте сконцентрирани на некоја содржина.

Нормално е од одредени ситуации да ве фаќа нервоза, непријатност или едноставно да се исплашите. Да земеме на пример пред  страв пред патување со авион, пред некој испит и слично. Но сепак одите на пат, на испит, стравот поминува.

Што е Страв а што Фобија?

За разлика од стравот, фобијата е подолготрајно, постојано и пренагласено чувство на страв од реална или нереална опасност од некој или нешто.

На пример, секогаш кога треба да се качите во лифт, вие го избегнувате тоа и одите по скали,  или пак никогаш не одите на концерти, не поднесувате масовни собири на луѓе.

Друг пример е постојано миење на раце за да не се заразите од бактерии или вируси.

Не сте осамени во тоа. Сетете се дека генијалниот Никола Тесла ја имал таа фобија. Кога одел во ресторан, нарачувал многу салфети за бришење раце.

Влијателниот богат бродосопственик Аристотел Оназис секогаш во задниот џеб на пантолоните носел свиткано купче стара хартија замислувајќи дека тоа се пари, при што се чувствувал посигурен. Имал фобија од сиромаштија (да, и тоа е еден вид на фобија).

Најчести стравови и фобии кај лугето

  • Некои луѓе имаат страв и фобија од кучиња, мачки, лавови, други пак од змии, гуштери, риби, жаби, инсекти, пајаци, комарци, глувци, кокошки
  • Некои се плашат од грмотевици, пожар, вода, ветер
  • Некои имаат страв од масовни собири на луѓе, учество на приредби, настап на телевизија, интервју како и посета на галерии, изложби, аукции, предавања говори и слично
  • Постојат и други фобии/стравови во врска со простори, природни или изградени како што е страв од висина, длабочина, тесни и мали простории, лифт, скали, подруми, минување преку мостови и слично
  • Страв од доктори и крв

Фобиите субјективно се претеран страв кој може да трае 6 месеци, но и подолго. Може и сами да исчезнат после одреден период, но не е добро ако траат многу долго. Затоа треба на време да се превземат мерки. Можеби овие редови ќе ве мотивираат да ги надминете стравот и фобиите.

Стравот го ограничува слободното однесување на личноста.

Да земеме пример каде што бизнисмен губи зделки затоа што се плаши да патува, или да оди во некој град каде слушнал дека има многу змии. Или пак пропушта значајна конференција на 17-ти спрат затоа што треба да користи лифт.

Исто така друг реален пример е дека стравот од планински високи места со жичари оневозможува на таткото да присуствува на натпревар во скијање каде неговата ќерка е фаворит да победи.

Фобијата се одразува на сите аспекти од животот поврзани со настани, места, кои личноста ги чувствува како постојана закана за неговиот интегритет.

Освен една фобија, човекот може да има истовремено и други стравови па дури да дојде и до панични напади.

Постојат повеќе фобии кои може да се каже дека им се заеднички на повеќе луѓе, како што се:

Стравот од летање е карактеристичен за повеќе луѓе и се јавува просечно кај 6-7% од населението  во светот.

Страв од гром и молња имаат 2% од луѓето, а намногу децата.

Стравот од кучиња, е најизразен кај женскиот пол и започнува уште од детството. Околу 35 % од луѓето имаат помал или поголем страв од кучиња. Скоро ¾ од страдалниците од овој страв се жени, а ¼ се мажи. Најверојатно затоа што кучињата потекнуваат од волци кои се природни непријатели на човекот.

Страв од отровни и водни змии е раширен претежно кај возрасните, децата во најрана возраст не се плашат од змии, па затоа треба да се внимава на нив, посебно ако во природната околина има многу змии.

Страв од пајаци, скорпии е заради тоа што реално има отровни пајаци кои се опасни за човекот па се мисли дека преку 30 % од луѓето во некои области на светот се страдалници од оваа фобија.

Децата највеќе се плашат од темнина, ноќ, од духови, вештерки, страв да останат и заспијат сами, па дури во некои случаи имаат страв и од циркуски кловнови.

Како да се надминат овие стравови и фобии?

Што препорачува науката и стручните лица, а што можете сами да превземете?

Лекарства, да или не?

Секако консултирајте се со лекар, кој најдобро може да ве упати во евентуалните несакани дејства на лековите кои се користат за надминување на стравот и фобијата, дали создаваат зависност и колку. Сигурно не сакате еден проблем да замените со друг потежок проблем.

Сигурно сте прочитале или слушнале дека има лекови и други седативи за кои се кажува дека помагаат кај страв од летање и слично.

Но, дали некој ви кажал дека седативите можат да предизвикаат несакани дејства кои посебно можат да наштетат на оние кои имаат некое заболување?

Без консултација со вашиот лекар не пијте лекови на своја рака.

Дали има други начини за да се победите самиот себе?

Некои препорачуваат разни комбинации на билки, растенија и слично.

Се смета дека  добар начин е да се применат разни третмани на релаксација и ослободување од стравови како на пример: јога вежби, фитнес, медитација, постепено соочување со објектот на страв.

Идентифицирајте кои се вашите негативни мисли, а потоа спротивставете им позитивни мисли, активирајте се. Не се плашам од мачката, таа се плаши од мене.

Можете да се обидете со аутогенен тренинг како комплетен тренинг за физичка и духовна релаксација, или барем прочитајте некоја книга со таква содржина.

За некој аутосугестија и хипноза може да биде многу корисна. Да, и хипнозата помага. Нема да ви го украдат часовникот! Ако немате во околина таква можност, барем прочитајте литература од таа област.

Ќе најдете можеби нешто што ќе ве мотивира да работите на себе, начин како да ја победите фобијата. Учете од други кои успеале да ги надминат фобиите и стравовите. Позитивни примери се добредојдени.

Вежбајте ги мускулите и телото. Физичките вежби ќе ја зајакнат вашата психа.

И на крај, размислете кои се причините за страв и фобии, за да можете полесно да се разберете самите себе воедно и другите, секако и да си олесните, па и да ги победите сите стравови.

Психолозите наведуваат дека најчести причини се:

  • Притисоци од разна природа кои го надминуваат прагот на подносливост
  • Преживеани несреќи, пост трауматични фобии
  • Болести на човекот
  • Природата на самата личност, генетски фактори
  • Физички, психички и физиолошки промени со растење на децата (тинејџерски години) во возрасни луѓе.
  • Климатски фактори и социјалната околина, природната опкруженост и друго.

Финални зборови

Моќта на мислите е  всушност клучот за создавање на вашата реалност. Се што гледаме и чувствуваме има потекло од нашиот внатрешен круг на мисли и верувања.

Сите постапки со кои што се соочувате во светот, имаат специфична причина која има свое потекло од внатрешниот или менталниот свет. Околностите не го прават човекот, туку го откриваат. Секој аспект од Вашиот живот ги открива вашите мисли и верувања.

За да почнете да ги контролирате мислите, а воедно и стравовите, мора да научите да ја контролирате природата од каде што доаѓаат истите.

Ако ве прогнуваат мисли дека не сте доволно добри и дека никогаш нема да успеете да ги надминете вашите стравови, заменете ги со мислите дека вие сте доволно добри и силни, па успехот ќе дојде.

Се може да се надмине, ако сакате и имате верба. Вежбајте, борете се и ќе победите.  Упорните не добиваат веднаш, но добиваат секогаш.

In Category: Психологија

Даниела Алексова

Љубител на здравата исхрана, науката, книгата и кафето. Слободното време најчесто го поминува со своето куче Рекс.

Show 0 Comments
No comments yet. Be the first.

Leave a Comment