12 Причини Како Кучињата Не Прават Поздрави и Посреќни

Како сопственик на куче, се надевам ќе се сложите со мене:

Кучињата не се само домашни миленици, туку и членови на нашата фамилија.

И тоа не обични членови.

Членови кои се скромни, најмалиот гест ги прави среќни, и секогаш се тука да ве пречекаат и поздрават кога ќе влезете во домот.

Kолку и да бил неубав денот, моментот кога ќе ја отворите влезната врата а вашиот мал пријател весело мафта со опашот, стресот и напнатоста исчезнуваат.

Животот е поубав со кучиња, и не само затоа што се едни од најслатките и најмилите суштества на планетава, туку и затоа што ги прават луѓето посреќни.

Еве 12 причини како кучињата не прават поздрави и посреќни (потврдени од науката и искуството на сопствениците ширум светот).

Го промовираат здравјето на нашето срце. Ова е констатирано од Американската Асоцијација За Здравјето На Срцето, која тврди – Разни студии потврдуваат дека сопственоста на куче го регулира крвниот притисок и ја намалува опасноста за инфаркт.

Еве и видео кое убаво го објаснува целиот процес:

Накратко, за оние кои не стојат најдобро со англискиот, или преферираат текст, според гореспомената асоцијација, сопствениците на куче имаат 54% поголеми шанси за секојдневна физичка активност. Луѓето со висок притисок кои вдомиле куче споредени со друга група кои не вдомиле, во рок од 2-5 месеци веќе го намалиле крвниот притисок. Слична студија е направена со луѓе во брак, и се добиени истите резултати. Како шлаг на тоа луѓето во брак подобро го надминале стресот со кучето, отколку со својот брачен партнер или пак со пријател.

Поседувањето на куче за борба против депресијата. Многу студии го потврдуваат истото, кучето помага во превенцијата и појава на депресијата, а исто така и при лечење на истата. Причината е едноставна – гушкањето, играњето и интеракцијата со вашиот домашен миленик го зголемува серотининот, и допаминот кои помагаат во борбата со депресијата.

Вашето куче ќе ве натера повеќе да се социјализирате. Без разлика дали го сакате тоа или не, кучињата бараат прошетки. Кога ќе ги повика природата, или пак кога сакаат да проверат што има ново во населбата, немате многу избор освен да ги облечете своите патики и да излезете на прошетка. Кучињата се неодоливи и секогаш привлекуваат внимание, и доколку имате проблем да се социјализирате и да почнете разговор, кучето е вашето тајно оружје.

Пауза од технологијата. Се повеќе и повеќе навлегуваме во лавиринтот на технологијата и забораваме на реалноста. Сите сме свесни дека стануваме зависни од дигиталниот свет и многу е тешко да кажеме ДОСТА Е, влучувајќи ги и постарите. Прошетката со вашиот мал пријател, или пак самата интеракција дома или во дворот е најдобриот начин како да направиме пауза од екраните. На ова има секогаш исклучок кај оние што во едната рака го држат ланецот а во другата го проверуваат својот мобилен. Не баш најомилената глетка.

Кучињата помагаат во намалувањето на холестеролот. Слично како кога зборувавме за срцето, кучињата помагаат при намалувањето на холестеролот и триглицеридите поради вашата зголемена физичка активност. Впрочем тоа е една од сугестиите на Центарот за Контрола на Болести и Превенции – Имате проблеми со холестеролот? Земете си куче и почнете да се движите повеќе.

Растењето со куче ги намалува алергиите. Постојат повеќе студии кои го потврдуваат овој феномен, но најинтересна студија која се двои е студијата направена од Шведски и Американски научници, меѓу кои се издвојува името на Томас Платс Милс, доктор на кого алергиите му се специјалност. Накратко е констатирано дека дете кое првите две години расте со куче има 77% помалку шанси да развие алергии во понатамошниот живот. Сите знаеме колку напорни знаат да бидат алергиите за најмладите, решението е едноставно, земете си куче.

Никогаш не сте сами. Можеби звучи просто, но сепак е вистинито. Не сите имаат голем круг на пријатели или пак живеат во големи заедници. За некои луѓе кучето претставува многу повеќе од домашно милениче – тоа е се што имаат. Ние целосно ги поддржувае тие луѓе, тоа е нивен личен избор и е сосема нормално. На крајот на денот, кој е тој што ги пропишува правилата, што е нормално а што не е? И да не заборавиме, кучето никогаш не ви суди, никогаш нема да ви каже не и секогаш е тука до вас. Скоро никогаш нема да се чувствувате осамено.

Кучето носи радост кај децата. Сите деца сакаат кучиња. Можеби децата се мали да разберат дека кучето е огромна одговорност, и не е само до играњето, но сепак тие брзо почнуваат да учат. Според научните студиите, децата кои растеле со кучиња побрзо созреваат и стануваат поодговорни личности. Кучињата исто така помагаат кај физичкиот и кај менталниот развој на децата. На крајот, нема поубава глетка од мало дете кое до себе има верен пријател со кого ќе дели се, па дури и најголемите тајни.

Кучињата не учат како да бидеме родители.  Не сте сигурни дали сте спремни за деца? Земете си куче. Кучето е најдобар тест на нашето трпение, разбирање и колку сме одговорни и созреани. Ве учи како изгледа да бидете заштитнични настроени и како ќе се справите со непријатните ситуации што следат. Секако, треба да се напомене дека кучињата не се експеримент, вдомувањето на куче не е исто што и шопингот па ако не ви се допадне да го вратите или фрлите. Доколку сте неспремни или несигурни за вдомување на куче, почувајте го тоа на вашиот пријател на ден или два. Иако шансите да бидете одбиени се големи, сепак се помали отколку да побарате да го почувате нивното новороденче.

Кучињата се смешковци. Веселата природа на кучињата, трапавоста и нивните неочекувани потези секогаш се туку да не изненадат и насмеат. Интернетот е преплавен со видеа и слики од кучиња палавковци и нивните уникатни карактери. Не постојат поголеми комедијанти од кучињата.

Љубов без граници. Најчистата лубов е онаа на децата и на кучињата. Кучето секогаш безусловно ќе ве сака, секогаш ке тажи кога ќе ве нема, и бескрајно ќе се радува кога ке се вратите. Се што сакаат е мало внимание, храна кога се гладни и убаво да се изнаиграат. Понекогаш знаат да бидат и љубоморни и малку лути, но сето тоа доаѓа од преголемата љубов и верност кон вас. Затоа и изреката кучето е најверниот пријател на човекот често ја користиме.

Кучињата се терапевти. Постојат многу организации во светот коишто ги користат кучињата како помош за децата со аутизам, проблеми во читањето, социјализацијата и гужвите, им помагаат да се спремат за на училиште, им носат паднати предмети и сл. Генерално, играат огромна улога и им помагаат во подобрување на квалитетот на живеење. Нормално, овие кучиња се посебно тренирани, и подлежат на многу тестови, а и листата на чекање за набавување на тренирано куче за луѓето со аутизам е огромна. Толку многу се барани.

Финални зборови

Треба ли да додадам уште нешто? Пратете коментар доле како кучињата вас ве прават посреќни.

In Category: Куче

Даниела Алексова

Љубител на здравата исхрана, науката, книгата и кафето. Слободното време најчесто го поминува со своето куче Рекс.

Show 0 Comments
No comments yet. Be the first.

Leave a Comment