Што Смеат А Што Не Смеат Да Јадат Кучињата? (Фуј Тоа)

Кучињата како и луѓето знаат да прибираат кога станува збор за храната. Меѓутоа за разлика од нас кучињата не разликуваат здрава и нездрава храна, најчесто ја јадат храната како ќе им се даде, со семки, лушпи, па дури некогаш и со целата амбалажа.

Знаеме дека нездравата храна знае да е највкусна и не става на искушение речиси секој ден, но сепак, ние луѓето имаме поголема толеранција на нездравата храна од кучињата. За нив и најмало количество може да биде токсично, да предизвика сериозни здравствени проблеми а понекогаш да биде и фатално.

Доле направивме листа за секој љубител на кучето. Да погледнеме што смеат, а што несмеат да јадат кучињата.

Дали кучињата смеат да јадат пуканки? Само умерено.

Pukanki i chajИако пуканките не се токсични за кучињата, сепак не се баш најдобрата идеја. Најголемиот проблем е што ние најчесто ги плукаме семките, додека кучињата ќе ги изедат цели. Неиспуканите пуканки кај кучињата може да предизвикаат проблеми со стомакот, а и не се најздрави за нивните заби.

Сепак, доколку обичај да му давате на вашето куче пуканки а тоа неможе да им оддолее, правете го тоа умерено.

Дали кучињата смеат да јадат грозје? Не.

Според најновото истажување на Американската Асоцијација за Контрола на Труење на Животните, грозјето кај кучињата може да предизвика откажување на бубрезите.

GrozjeТочната причина што го предизвикува ова сеуште не се знае, меѓутоа потврдени се случаи кадешто токму грозјето предизвикало откажување на бубрезите кај некои кучиња.

Додека не се открие материјата која е токсична за кучињата, оваа позната организација препорачува да не го храниме нашето куче со грозје.

Важно е да се напомене дека истото правило важи и за сувото грозје.

Дали кучињата смеат да јадат бадеми? Не се препорачливи.

Иако од сите јаткасти плодови, бадемите се најдолу на листата по процентот на токсичност, сепак во секоја понапредна држава ке ги најдете во категоријата – Не се препорачуваат за кучиња.

Дигестивниот систем на кучињата не е создаден да се справи со јаткастите плодови и некои од нив, како на пример макадемијата, можат да бидат сериозно отровни и штетни.

Bademi

Најчестите проблеми асоцирани со јадење на јаткастки плодови се дијареа, повраќање и болки во стомакот. Ако приметите дека вашиот крзнен пријател чудно се однесува после конзумирање на лешници, бадеми, макадемија, и сл. не чекајте, веднаш однесете го кај вашиот близок ветеринар.

Истото важи и за уличните кучиња. Иако тие имаат посилен имунитет од нашите разгалени домашни пријатели, ова е апел сите да се едуцираме и да престанеме да ги храниме со храна која е токсична за нив.

Дали кучињата смеат да јадат кикирики или путер од кикирики? Да.

Иако ова можеби звучи контрадикторно на претходното, каде што напоменавме дека кучињата не смеат да јадат јаткасти плодови, путерот од кикирики претставува сосема друго.

Кикириките се мeшунки. Токму така, кикириките влегуваат во оваа категорија заедно со леќата, наутот и грашокот.

Кириките се во категогијата – Одобрено за кучиња. Секако зборуваме тука за несолени кикирики. Еве зошто.

Puter od kikiriki i orizov leb

Кикирите имаат одлична нутритивна вредност, богати се со витамин Б, витамин Е и ниацин. Како додаток на витамините тие исто така содржат и здрави масти. Сепак не смее да се заборави дека кикириките се високо калорични, така да внимавајте,  само 100 грама кикирики содржат околу 600 калории.

А што пак со путерот од кикирики? Се додека е 100% природен и несолен, една лажичка путер од кикирики е одлична награда за вашиот миленик. Изненадете го вањето куче со путер од кикирики, и гледајте како ке му светнат очињата. А можете и вие да се наградите заедно со него бидејќи сте ја одиграле својата улога и сте се информирале што е штетно а што е здраво за вашето куче.

Дали кучињата смеат да јадат целер? И да и не.

Сите знаеме дека целерот е многу здрав. Полн е со цела палета витамини влучувајќи витамин А, Б, Ц , Е и К. Мирисот е толку јак што некои кучиња го обожуваат, а некои бегаат од него како попарени.

CelerСвежиот целер е боцкав, а и самите знаеме дека кучињата не се баш џвакачи туку повеќе голтачи. Токму поради таа причина за некои кучиња може да биде иритирачки и да предизвика дигестивни проблеми.

Сепак, доколу имате куче кое не е склоно на дигестивни проблеми и е од оние кое знае како полека се јаде, тогаш може да поминете без никакви лоши искуства.

Како и да е, за повеќето одговорот на ова прашање би бил не.

Дали кучињата смеат да јадат банани? Да.

Банaните се едно од најпознатите овошја во светот, а имаат и универзално име во целиот свет. Каде и да одите во светот секој ќе ве разбере кога ќе кажете банана.

Дури и кучињата.

Banani prodavnicaБананите се богати со фибер влакна кои се одлични за дигестивниот тракт, покрај тоа содржат изобилство на калиум, и се супер извор на Б и Ц витамин, биотин и цинк.

Единствениот проблем кај бананите е шеќерот, кој во изобилство не е штетен само за кучињата туку и за нас.

Затоа бананата се препорачува повеќе како мала награда од време на време за вашето куче, и секако во умерени дози.

Вреди да се напомене дека една банана со средна големина има околу 14 грама овошен шеќер и околу 100 калории.

Дали кучињата смеат да јадат јаболко? Умерено.

Кој од вас ја јаде средината на јаболкото заедно со семките? Претпоставувам речиси никој. Кој од вас го лупи јаболкото пред да до јаде? Да речеме 50-50.

Кучињата за разлика од нас луѓето најчесто јадат се. Дајте му црвено велигденско јајце на вашето куче ке го изеде заедно со лушпата.

Проблемот со јаболката е токму тој, кората, срцето и семките на јаболкото содржат цијанид. Иако цијанидот е токсичен за нас луѓето, едно јаболко неможе многу да ни наштети, сепак кога станува збор за кучињата цијанидот во јаболкото е опасен.

Jabolka

Исчистеното јаболко пак од друга страна е супер појадок за вашето куче. Прво јаболкото е одлична природна паста за заби за кучињата, и добра и поздрава алтернатива од денталната коска.

Второ, јаболкото е супер здраво, тргнувајќи од сите минерали и витамини што ги содржи, како калциум, витамин Ц и витамин К. Како и секое овошје јаболкото е богато со фибер влакна за полесно варење и здрава дигестија.

Исто како и со бананата, внимајте на овошниот шеќер. Едно јаболко со средна големина има околу 19 грама шеќер и околу 90 калории, затоа се препорачува во умерени дози кога станува збор за кучињата.

Дали кучињата смеат да јадат боровинки? Да.

Боровинките се едно од најбогатото овошје со фибер влакна. Содржат толку многу што се користат како природен лек за тврда столица. Покрај тоа имаат изоболиство на витамини и се одличен антиоксиданс.

Богати се со витамин А, Б, Ц, Е и К.

Borovinki vo sholja

Поради големото количество на фибер немојте да се изненадите доколу столицата на вашиот мал пријател изгледа зелена или црна. Тоа е знак дека сте му дале малку повеќе боровинки отколку што треба.

Боровинките се многу здрави и сигурни за вашето куче, но сепак правете го тоа умерено да не му го вознемирите стомачето.

Дали кучињата смеат да јадат кромид? Не.

Десетка со кромид? За вашето куче претставува десетка со отров.

Kromid Кога зборуваме за кромидот, Американската Асоцијација за Контрола на Труење на Животните е децидна и праќа сериозна порака:

“Голема количина на кромид кај кучињата може да е фатална и да предизвика гастроинтестинална иритација која може да води до оштетување на црвените крвни зрнца.“

Сепак треба да се напомене, дека станува збор за поголема количина на кромид во случајов.

Ако поради некое невнимание вашето куче изеде малку кромид, најверојатно ќе помине без сериозни проблеми. Сепак внимавајте.

Дали кучињата смеат да јадат лук? Никако.

На кратко, слично како и кромидот лукот е токсичен за кучињата. За разлика од кромидот лукот е многу посилен и многу посериозно и поризично делува на кучињата отколку кромидот.

LukКучињата имаат супер развиени сетила, и огромни се шансите дека свесно ќе се оттргнат од лукот, но понекогаш кога се под адреналин и хиперактивни можно е набрзина да го проголтаат меѓу другата храна.

Препорачливо е да ги советувате и помалите членови во вашата фамилија да внимаваат на овие работи, или пак да ги тргнете надвор од нивниот дофат додека се сами со вашето куче.

Дали кучињата смеат да јадат леб? Умерено.

Традиционална македонска ситуација, на уличните кучиња најчесто им фрламе леб. Иако треба да им симнеме капа на сите тие добри луѓе што имаат големо срце и делат од своето парче леб на гладните кучиња скитници, сепак треба да пратиме и една порака.

Знаеме што мислите, подобро леб отколку гладно куче, и потполно сте во право.

Но сепак..

Многу пати ќе слушнеме – Види го кучево не јаде леб. Тука има едноставна причина. А тоа не е дека уличното куче е сито, туку дека тоа куче осетило на своја кожа како лебот повеќе пати му го направило кучешкиот ден тежок за стомакот. Затоа и одбива леб.

Секако не секое куче поднесува или не поднесува исто одредена храна, затоа и има исклучоци на ова правило.

domashen leb

Се надеваме нема да ни замерите, но сепак мораме да напоменеме за штетата која несвесно ја правиме, поготово на домашните кучиња кои се разгалени, негувани и можеби и малку дебелки.

Најопасно е тестото (не печениот леб), кое во комбинација со квасецот во стомакот на кучето создава перфектни услови за понатаму да расте и може да предизвика сериозни проблеми дури и кома и тотално колабрирање.

Тесто на куче? Никако.

Печениот леб може да се дава само умерено, и поретко, содржи прости јагленохидрати и шеќери што не се пожелни. Иако на краток период можеби да изгледа дека се е во ред со вашиот миленик, на подолг период шансите да добие дијабетис и други пропратни сериозни заболувања се многу поголеми.

Препорачливо е да намалите со лебот. Давајте го само како награда, повторно, умерено.

Дали кучињата смеат да јадат авокадо? Не.

Проблемот со авокадото е дека содржи токсична материја наречена персин. Иако кучињата се поотпорни на персинот за разлика од повеќето животни, сепак авокадото може да предизвика сериозни проблеми со нивниот стомак, почнувајќи од дијареа, блуење, до панкреатитис.

Семката на авокадото е друга приказна, која исто така претставува голема закана и може да предизвика блокирање на дигестивниот тракт или пак задушување.

Avokado

Авокадото е богато со масти и може да предизвика додатни заболувања кога ке ќе ги земеме во предвид и другите масти што вашиот миленик ги внесува преку редовната исхрана.

Иако многу мала количина не би требало да направи никакви проблеми, авокадото е во категоријата топ 10 токсични храни за кучиња според Американската Асоцијација за Контрола на Труење на животните.

Дали кучињата смеат да јадат моркови? Да.

Генерално гледано, морковот е многу здрав не само за нас туку за кучињата. Ако погледнете во било која специјална храна за кучиња или суплементите, најчесто ќе најдете дека содржат бета каротен.

Поради ботатството со бета каротен, морковот е многу здрав за очите. Освен тоа морковот содржи фибер, потасиум и витамин А.

Malo kuche i morkov

Морковот е нискокалопичен и исто така е супер избор за природно чистење на забите на вашето куче.

Единствениот проблем со бета каротенот е дека преголемо количество на истиот може да предизвика пигментација на кожата или пак на влакната на вашето куче. Ова е поготово препознатливо кај белите раси на кучиња како на пример Самоједот, Белиот Териер или Ретривер или оние кучиња со посветло или мешано влакно, како што се Хаските.

Дали кучињата смеат да јадат печурки? Зависи.

Дивите печурки за вашето куче секако се забранети и опасни, без разлика на групата во која спаѓаат.

Печурките сами по себе знаат да бидат тешки за желудникот и брзо се расипуваат, но кога станува збор за кучињата тие имаат за нијанса подобра толеранција од нас.

Pechurka

Печурките купени од локалната продавница најчесто се сигурни за вашето куче.

Сепак внимавајте, доколку премногу му се допаднат и стекне навика да ги јаде, нема да им одолее и на дивите печурки кои растат надвор. Исто така намалете со зејтинот.

Како и со секоја храна, умереноста е клучна, и на крајот на денот подобро е да играте сигурно отколку подоцна да зажалите. Имате голем избор на алтернативна храна за вашето куче, нема потреба да ризикувате.

Дали кучињата смеат да јадат јаготки? Умерено.

JagotkaЈагодите како и поголемиот дел од овошјето во принцип (со неколку исклучоци) е сигурно за вашето куче. Јагодите се одличен антиоксидант, богати со минерали и витамини, но исто тоа и со фибер влакна.

Како и во случајот со боровинките, премногу фибер влакна кај кучињата можат да го надразнат желудникот. Нема потреба за грижа, јагодите се здрав избор за вашето куче, му го зајакнуваат имунитетот и се добри за дигестијата.

Значи умерено, и строго свежи јаготки како награда, наместо нездравите кекси (Pedegree) , дентални коски и стапчиња (Friskies).

Дали знаевте дека една дентална коска има околу 100 калории (Frieskies Dental Fresh), 3 бисквити 60 калории (Pedigree Biscrok) и 3 стапчиња околу 70 калории (Frieskies Picnic)? Внимавајте со наградите, поготово со малите кученца.

Финални зборови

Кафе Муабет, како љубител на кучињата, уште еднаш испраќа порака да внимавате на исхраната на вашиот миленик и секогаш тоа да го правите умерено. Доколку не сте сигурни за одредена храна ви препорачуваме да не експериментирате и секогаш е подобро да се консултирате со вашиот ветеринар или да ја побарате таа информација на интернет.

Ние секако ќе се обидеме да ја прошириме оваа листа и да додадеме уште интересни намирници. Ако имате прашања, замерки или мислења добредојдени се вашите коментари.

Доколку ја пронајдовте оваа статија корисна споделете ја на социјалните мрежи да допре до сите лубители и сопственици на кучиња. На тој начин можеби ќе спасите некое куче или ќе му го подобрите здравјето.

In Category: Куче

Даниела Алексова

Љубител на здравата исхрана, науката, книгата и кафето. Слободното време најчесто го поминува со своето куче Рекс.

Show 0 Comments
No comments yet. Be the first.

Leave a Comment